Последните три години од животот ја носеше болката по изгубениот син како тешка планина на грб, и живееше повлечен живот.
Често објавуваше фотографии и песни од синот Вардан, и кажуваше дека секој ден излегува надвор и ја храни мачката за која тој се грижел, а таа и по неговата смрт останала да живее пред нивната зграда. Мајда Тушар (1950-2022), скромната актерка со раскошен талент оствари над 50 улоги и го помина целиот свој работен век во Драмски театар. Ја помнат како Ленче во ,,Ослободувањето на Скопје”, како Клодија во ,,Тетовирани души”, Неда во ,,Црнила”, Кони од ,,Наше маало”…
Ненадејната смрт на синот, Вардан Чуков, познат во јавноста како Сталкер Стар, име под кое тој компонираше и издаваше музика, сосема ја скршила.
-Освен по театарските и филмски улоги, ќе ја помниме и по ведриот дух и човечноста. Кога замина Вардан, се стопи и Мајда, ни раскажаа нејзини колеги.
По неговата прерана смрт пак, Мајда како еден вид на збогување со синот објави емотивни зборови, кои никого не оставија рамнодушен.
-Кога заминуваат оние кои немале време да се подготват за патување, ништо на паѓа од небото. Ѕвездите продолжуваат да сјаат со ист сјај… Нема никакви знаци, претскажувања… Ноќта и денот според истиот редослед се менуваат.

И се чини дека се е во ред, луѓето околу нас со ист чекор одат, цврсто се држат за стварноста, за да го зачуваат тлото под нозете. За она кое го нарекуваме сигурно, да не се помести. Да бар она по кое одиме не се измести, да не си се спушти на очи… Така занемеи, бар едно чуло да ни остави.
Кога заминуваат оние за чии патувања немавме време да се спремиме, уште не верувајќи, мислите и сеќавањата од нив ги отргнуваме. Крадеме моменти, да не ги понесат со себе, и плачејќи по нивните куфери претураме, да она кое наше го нарекуваме, никако на пат не замине. Да не им се преполнат куферите со нашите сеќавања. Нивниот багаж да не биде претежок. А тежината, таа нам нека ни остане – објави актерката.
