Почина познатиот хуморист, сатиричар и имитатор Војче Китановски (68). Негови колеги и пријатели се збогуваат со него на социјалните мрежи, и се уште нема официјални податоци околу тоа што се случило.
Сепак, како што за ,,Фокус” изјави неговата пријателка фолк пејачката Вики Среброва, од она кое засега го знаат е дека денеска полиција отворила во неговиот дом и го пронашле безживотното тело.
Како што вели, најверојатно причината за смртта е инфаркт, и не се знае дали Китановски починал во петокот или во саботата.
Хумористот зад себе имаше над 50-годишна кариера. Роден е во 1955 година во селото Крапа, Македонски Брод, за кое често знаеше да каже дека е најубавото место на светот.
Беше дипломиран шумарски инженер, а имал и лиценца за туристички водич.
Започнал со настапи уште во време на студентските денови и за себе знаеше да каже дека по некои критериуми тој е првиот стендап комичар кој се појавил во Југославија.
Детали за последното испраќање на познатиот сатиричар ќе бидат објавени дополнително.