Во 71-та година од животот, синоќа во Охрид ненадејно почина професор д-р Томе Батковски, истакнат општественик, експерт од областа на безбедноста и автор на повеќе научни трудови.
Професор Др Томе Батковски е роден 1952 во Охрид. По завршувањето на Факултетот за политички науки во Белград во 1975 го продолжува своето професионално усовршување преку магистерски и подоцна докторски труд на Факултетот за безбедност Скопје во 1993.
Со над 30-тина објавени трудови, професионални настапи од областа на тероризмот и контраразузнавањето, проф д-р Томе Батковски даде сериозен придонес во поставувањето и оддржувањето на националната безбедност на Р. Македонија и пошироко на Балканот.
Пренесувањето на неговото знаење како вонреден професор на Факултетот за безбедност обезбеди многу генерации млади кадри со практично и теоретско знаење од областа на организираниот криминал и терористичко дејствување.
Посмртните останки на проф. д-р Томе Батковски ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Охрид во недела, 28 јули, од 12 до 12:30 часот.