Еден армиски хеликоптер попладнево се вклучи во гаснењето на пожарот на планината ,,Галичица” кој е активен на непристапен потег, информираше градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски.
Тој за МИА вели дека утре може ќе интервенира уште еден хеликоптер, а дека ќе се вклучат и луѓе во гаснење на пожарот.
Почнувајќи од 3 септември, кризната состојба поради пожарите е завршена. Во моментов е активен пожарот на планината Галичица, а утринава е регистриран и еден пожар во Арачиново, со што не постои можност за продолжување на кризната состојба, информира директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција.
Пожарот на Галичица започна пред една недела од албанската страна. Ангелов вели дека постојат сомнежи, оти е започнат од овчари за да се подобри квалитетот на пасиштето. Пожарот пред помалку од една недела се приближи и до македонската граница.
„Овој пожар е карактеристичен по една непријатна и ризична работа, а тоа е големиот број на експлозивни средства и направи, гранати, куршуми и разни други експлозивни средства што се наоѓаат и по самиот срт каде започна пожарот и истите се протегаат до подножјето во самата шума. Овој пожар е четврти пожар на истото ова подрачје во последните 10-15 години според оние расположливи информации до коишто дојдовме“, вели Ангелов.
Претставници на Националниот Парк Галичица се обиделе странично да го изгаснат пожарот, но се појави феномен како пожарот кај Сарај, кога гори кореновиот систем и пожарот на местата каде што е изгаснат по извесно време повторно се распламтува.
Ангелов додаде дека во моментов, пожарот на Галичица не претставува опасност за населените места кои се во близина на планината.