Вториот најтрофеен фудбалски колектив кај нас, екипата на Работнички, од денеска и официјално има нов сопственик, откако Македонска берза денеска објави дека се продадени сите акции на овој клуб.

Станува збор за турската компанија Џевахир, која акциите на дебармаалци ги плати дури 24 пати поскапо во однос на номиналната цена. Една акција на скопскиот клуб е продадена за 2.400 евра иако нејзината номинална вредност била проценета на 100 евра што значи дека новиот сопственик го купил Работнички за вкупна сума од 600.000 евра.

Групацијата Џевахир има големи амбиции со Работнички, односно сака клубот експресно да се врати во врвот на македонскиот фудбал, да се брка шампионската титула и повторно да играат важна улога во Европа од која финансиски бенефит би имал клубот. „Романтичарите“ во изминативе години се далеку од врвот, а во последнава сезона дел од мечевите не ни ги играа на Националната Арена, па со доаѓањето на новите газди, најавите се дека бившиот македонски првак повторно сите мечеви ќе ги игра на нашиот најголем стадион.

Работнички веќе шест години е само просечен прволигаш, откако во 2016 година четврти и последен пат освои трофеј (Купот на Македонија) и играше важна улога во европските натпревари со плејоф во Лига Европа, а до 2017 година според рејтинг беше најдобриот македонски европретставник. Подоцна, најтрофејниот Вардар ги надмина со пласманот во групите во Лига Европа една година потоа. Скопскиот тим е четирикратен првак од 2005, 2006, 2008 и 2014 година, а четирипати го освои и Купот во 2008, 2009, 2014 и 2016 година. Во Европа еднаш играше последна фаза од квалификации за пласман во ЛШ, а двапати дојде до плејоф за пласман во Лига Европа.

Работнички е вториот македонски клуб кој годинава ја менува сопственичката структура, откако пред неполн месец италијанско-американскиот холдинг „Брера“ за 600.000 евра ја купи Академија Пандев и почна со процесот на ребрендирање и промени во организациската структура, исто така со силни амбиции да се нападне титулата и пред сѐ да се излезе во Европа.