Ова се остатоците од возилото на 55-годишниот прилепчанец, кој утрово на патот Прилеп – Росоман загина во сообраќајна несреќа. Неговиот пик ап директно се судри со голф во кој загина 55-годишна жена од Свети Николе, објави Телевизија 24.
Нејзиниот сопруг кој го возел голфот тешко е повреден. За несреќата да биде уште поголема, откако двете возила се судриле, на нив прво налетало комби, кое избегнувајќи ги, излетало од патот, а на комбито налетал матиз и го удрил, по што неговите двајца патници се повредени. Потоа уште две возила едвај успеале да ги избегнат судрените коли и се излизгале од патот. Сообраќајката се случи утрово околу 6:30 часот. Ударот бил толку силен што ги вознемирил и околните жители.
Смртта на двајцата 55-годишници на местото на несреќата ја констатирал лекар од кавадаречката брза помош. Телата на загинатите, но и повредените биле толку приклештени во возилата, што пожарникарите морале да ги сечат каросериите. Двајца од повредените се во скопскиот Ургентен центар, а третиот и најтешко повреден е на КАРИЛ. Полицијата и обвинителството цели седум часа вршеа увид.
Неофицијално, едно од возилата во кое има загинат, претекнувало и удрило во другото во кое исто така загина патник. Оваа делница е црна точка и тука често се случуваат сообраќајни несреќи.
Сообраќајот на патот Росоман – Прилеп беше седум часа во прекин, а возилата се пренасочуваа преку Кавадарци. Околу 14 часот остатоците од судирот се расчистија и делницата се пушти за сообраќај.