Два млади животи е цената по синоќешната трагична сообраќајна несреќа. Дваесет и двегодишна девојка, почина на лице место, а 20 годишно момче било зад воланот. Токму на оваа крстосница одекнал звук откако пежото удрило во девојката која минувала на пешачкиот премин. И оваа сообраќајна трагедија одново ги вознемири граѓаните. Во центарот на градот, на улиците се гине како во војна.

„Се вози лудо. Мене не ми е јасно како на толку техника и полиција не може да се стави контрола.“

„На пешачки воопшто не внимаваат и возат 100. Некогаш забележувам и кога семафорот е затворен, тие возат и јас тогаш мора да се вратам назад. Се плашам да не ме прегазат.“

„Правилата не ги почитуваат и пешаците и возачите. Не се виновни само возачите и ние како пешаци поминуваме на црвено и претрчуваме на сред улица.“

Loading...

„Јас имам две деца и секој ден додека идат накај училиште стравувам да не се најде некој несоодветен возач.“

„Возат дивјаци, без возачки дозволи. Ноќе е ужасно“, велат граѓаните.

Неофицијално младото момче немало возачка дозвола. Од повредите девојката починала на лице место, а смртта настапила веднаш, иако лекарите стасале брзо кај несреќата.

Додека, полицијата вршела увид, дежурниот обвинител побарал обдукција на телото, но и тестирање на возачот за присуство на алкохол и дрога во крвта.

Речиси и да нема ден, а во билтенот на МВР да нема статистика за сообраќајна незгода. Вчера, околу 11:45 било пријавено дека на булеварот „Кочо Рацин“ во Скопје, патничко возило „опел корса“ управувано од 21 годишно момче удрило во 79 годишен пешак.

Од несреќата пешакот добил тешки телесни повреди и бил пренесен на клиника.Овие сообраќајни незгоди повторно ја отвораат темата за безбедноста на пешаците во градот и потребата од поголемо внимание во сообраќајот.

„Можеби трите најзагрижувачки инциденти со човечки жртви секогаш се несоодветна брзина, непочитување на пропишаната патна сигнализација и управување под дејство на алкохол. Затоа апелирам да возачите да возат внимателно затоа што од нивната одговорност зависи животот на некој друг“, изјави Дејан Андоновиќ, Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Според официјалните податоци на МВР минатата година во Македонија, во сообраќајни незгоди 214 пешаци биле тешко повредени, а 24 загинале. Во Скопје пак, во последните три години на улиците настрадале вкупно 39 лица а најголем дел од нив – 20 настрадале во 2023 година.

Тамара Марковска (Телевизија Телма)

Loading...