Контроверзниот српски политичар Срѓан Ного, кој изминатите денови објави фотографии во врска со двојното убиство на Вања и Панче, денеска сподели видео, во кое наведе повеќе претпоставки и теории на заговор, наместо докази како што тврдеше претходно.

Во видеото во времетраење од еден час и 13 минути, Ного изнесува критики кон македонската полиција и кон македонското Јавно Обвинителство и ги обвинува дека го наместиле таткото на Вања Ѓорчевска. Меѓу другото, Ного посочува дека таткото до моментот кога е доведен во Судот да даде исказ, не знаел дека неговата ќерка е убиена.

-Тоа му е соопштено подоцна кај обвинителот. Полицијата криела од него од моментот кога е уапсен на 3-ти декември. Некој поставил новинари да бидат спремни и да го фатат моментот кога крева палци при носењето во Судот. Со тоа е остварена сатанизација врз Александар – таткото монструм крева палци, а ќерка му е убиена. Преку ова најдобро ја гледате целата бесрамноста на режисерот на апсењето и сатанизацијата на Александар, посочува меѓу другото српскиот политичар, додавајќи дека таткото е невин.

Ного тврди дека Палевски имал извори во полицијата за тоа до каде е истрагата за двојното убиство. Но нема одговор за мотивите за наводната нарачка.

Ного веќе трет ден објавува фотографии и најави дека ќе обелодени информации за трагичното убиство на малата Вања и на велешанецот Панче. Во вчерашната објава се слушаше како вели дека има снимки од бензинска станица каде се гледа како Панче Жежовски е заедно со киднаперите, но се слуша и таткото на Вања како разговара со инспекторите. Со овие објави српскиот политичар отвора сомнеж дека токму таткото на убиената Вања го открил целиот случај а не полицијата.

Српскиот политичар важи за промотор на руските интереси во регионот и е голем симпатизер на рускиот претседател, Владимир Путин. За пратеник во српскиот парламент е избран на изборите во 2016 година и таму останува до 2020 година. Во 2019 година бил исклучен од партијата, а до крајот на мандатот дејствувал како независен пратеник.