Заменик-командантот на здружената група руски војници во Украина, генерал Сергеј Суровикин, наводно е уапсен поради поддршка на водачот на Вагнер, Евгениј Пригожин за време на вооружениот бунт.

Веб-страницата на Москва тајмс наведува дека потврда за апсењето добила од два извори во Министерството за одбрана. Засега оваа информација не е официјално потврдена.

– Очигледно (Суровикин) избрал страна (за време на бунтот) и сега го фатиле за врат – рекол еден извор. На прашањето каде е сега Суровикин, тој одговори дека не знае.

Гласините за апсењето на Суровикин претходно ги објави воениот блогер Владимир Романов, кој тврди дека генералот бил уапсен на 25 јуни, ден по бунтот на Вагнер, предводен од Евгениј Пригожин, а според него, тој се наоѓа во истражниот затвор Лефортово.

Суровикин, наводно, однапред знаел за плановите на Евгениј Пригожин да започне вооружен бунт против руското воено раководство, објави претходно Њујорк Тајмс, цитирајќи американски претставници запознаени со разузнавањето.

Сега се истражува дали Суровикин помогнал во планирањето на бунтот кој се претвори во марш кон Москва и стана најсериозна закана за Владимир Путин во неговите 23 години на власт.

КОЈ Е СУРОВИКИН?

Заменик-командантот на заедничката група руски војници во Украина, генерал Сергеј Суровикин, претходно командуваше со Јужната група руски војници за време на специјалната операција во Украина. Пред тоа, тој ги предводеше руските сили во Сирија, а учествуваше и во втората чеченска кампања и во конфликтот во Таџикистан.

На крајот на минатиот септември, на Суровикин му беше доделена титулата Херој на Луганската Народна Република. Во ноември 2017 година, Суровикин беше назначен за врховен командант на руските воздушни сили. Пред тоа, од октомври 2013 година, тој командуваше со трупите на Источниот воен округ.