Променетата изјава не е моја, ми беше дадено ливче на кое пишуваше дека Палевски не бил присутен за време на убиствата и ми беше кажано да го препишам истото со мој ракопис и потоа да го доставам до судот, рече денеска обвинетиот Влатко Кешишов за време на судењето за случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Кешишов рече дека од страв прифатил да го промени исказот, а ливчето му било предадено од првоосомничениот Љупчо Палевски за време на транспортот на обвинетите. Неговиот адвокат не сакаше да ја коментира содржината на изјавата, но рече дека транспортот на обвинетите отсега ќе се одвива посебно.
„Самиот судија побара од затворската полиција транспортот од сега па натаму да се одвива со четири комбиња и секој да се транспортира одделно токму проади вакви влијанија да нема едни со други. И дополнително сметам дека дадената ваква изјава поднесена од обвинителството е предмет можеби и на обвинителството. Треба истите да ги испитаат ваквите постапки и сомнежи, па понатаму нека постапуваат како мислат„, рече Дејан Ефремов.
Пред судот свој исказ дадоа и двајца припадници на интервентната полиција, кои рекоа дека обвинетиот Велибор Манев на трети декември ја однел полицијата до телото на закопаниот Панче Жежовски. Исказ даде и вработен во Сејф Сити, кој рече дека на камера во чаир, непосредно по грабнувањето на Вања, се гледала силуета на возачот. Сведокот силуетата ја опиша како лице со седа коса и со брадичка, истакнувајќи дека личи на првообвинетиот Палевски, но дека не е во целост сигурен. Обвинителството пак, нема сомнеж дека обвинетите се виновни, велат постојат цврсти докази кои тоа ќе го покажат.
„Во наредниот дел од постапката, бидејќи чинам дека завршуваме со вербалните докази, ќе бидат изведени сите материјални докази кои обвинителството има намера да ги предложи, односно ги има предложени, од коишто и вие ќе бидете сведоци што ќе произлезе. Сепак, обвинителството смета дека од сите докази произлегува основаноста на обвинението така како што е поднесено„, рече Ана Стојковиќ Димитриевска обвинителка .
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година. Следното рочиште е закажано за 16-ти декември.