Денеска за жал ќе играме без Стојанче Стоилов, кој на последното тестирање доби позитивен тест на Ковид-19.
Ракометната репрезентација на Македонија вечерва од 18 часот ќе го игра вториот натпревар на Европското првенство, откако во првото коло, избраниците на Кирил Лазаров несреќно загубија од Словенија со 25:27.
Во салата „Феникс“ во Дебрецин, ракометарите играат против Црна Гора, а двете репрезентации во овој натпревар влегуваат по поразите во првото коло. Црногорците загубија од фаворитот Данска со 30:21, додека неискуството ги чинеше „црвено-жолтите“ позитивен исход против Словенија.
Селекторот Лазаров очекува вечерва поинакво издание од неговите ракометари, односно да го исполнат зацртаните цели и да не ги понесат емоциите како со натпреварот против Словенија.
– Се договоравме да не ги понесат емоциите и да бидат фокусирани на она што е договорено, да го оставиме „шлагот“, славењето за крај, сепак се работи за една млада и неискусна екипа и како поминува времето да станат победници, да знаат како се победува и тоа малку ме загрижува, затоа што на некои договорени работи паднавме, не ги исполнивме. Но, оставивме позитивен впечаток, ми се допаѓа што јавноста е позитивна, но од друга страна тоа не сакам да ги заспие репрезентативците, туку да бидеме уште подобри и да си дадеме како задача да бидеме подобри како колектив во вториот меч против Црна Гора – вели Лазаров.
И двете репрезентации во првото коло имаа проблеми поради коронавирусот, Лазаров не можеше да смета на четворица репрезентативци кои беа позитивни на ковид-19, додека Црногорците имаат поголеми проблеми. Но, вечерва и во двете селекции има нови имиња, Никола Митревски имаше два негативни тестови на ковид-19 и доби дозвола од ЕХФ да настапи по што заедно со одличниот Мартин Томовски ќе ја сочинуваат голманската двојка, додека кај Црна Гора се враќа Стефан Чавор.