Исчезнувањето на Матеј Периш од Сплит го потресе регионот кога ноќта меѓу 30 и 31 декември го напушти клубот „Готик“ и оттогаш му се губи секоја трага. Неговото исчезнување во полиција го пријавиле пријателите кои биле со него ноќта и оттогаш се води интензивна потрага.

Телефонот на Матеј додаде нова мистерија на целиот случај, пренесуваат медиумите во регионот. Имено, сигналот на телефонот на младиот човек последен пат бил лоциран во близина на Големиот воен остров, на вливот на Сава и Дунав. Лоциран е два и пол часа откако исчезнатото момче последен пат било видено, односно по видеото на кое се гледа како тој се спушта по скалите кои водат кон Сава.

Прашањето што се наметнува, пишуваат медиумите, е како е можно апаратот да пратил сигнал два и пол часа откако младото момче последен пат било видено и под услов дека е во вода. За тоа неодамна проговори таткото на Матеј, Ненад Периш.

„Како е можно сигналот да се појави во близина на Воениот Остров, околу 4:15 часот, што е околу два часа и 20 минути по последното снимање на Матеј кај ‘Саванова’ во 1:55 часот? Како е можно мобилниот телефон да реагира ако е во река? Ако Матеј потонал во реката, а мобилниот му бил во џеб, тогаш по 2:20 часот е неупотреблив, влажен, на дното на реката и не можел да даде сигнал. Производителот вели дека може да даде сигнал ако е влажно најмногу половина час. Значи, ако е влажно, сигурно не би можел да даде сигнал по речиси два и пол часа“ , изјави неодамна таткото на Матеј.