15-годишно момче загина, а 16-годишник се здобил со тешки телесни повреди во сообраќајна несреќа која се случи вчера на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка во населбата Карпош, соопшти денеска СВР Куманово.
Во сообраќајката учествувало возило „бмв” со албански национални ознаки и мотоцикл „јамаха“.
„Вчера околу 21.40 часот во СВР Куманово било пријавено дека на магистрален пат Куманово – Крива Паланка, во населба Карпош – Куманово, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило ‘бмв’ со албански национални ознаки, управувано од 37-годишниот И.Б. од Скопје и мотоцикл ‘јамаха’ управувано од малолетник од Куманово. Во незгодата, од здобиените повреди на местото починал 15-годишен сопатник на мотоциклот од Куманово, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Додека, 16-годишниот возач на мотоциклот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата во Куманово“, информира СВР Куманово.
Увид на местото на несреќата извршиле екипа од СВР Куманово и јавен обвинител.
Телото на починатиот било дадено на обдукција, возачот на патничкото возило бил лишен од слобода, а автомобилот и мотоциклот биле предадени на вонреден технички преглед.