Подрумот во зградата каде живеела Вања Ѓорчевска бил искористен при нејзиното киднапирање. Таму таа била врзана, по што била ставена во вреќа за спиење, и изнесена од зградата, потврдуваат за ТВ 24 извори од истрагата.
Оваа информација го објаснува нејзиното незабележано грабнување од зградата која се наоѓа во непосредна близина на Градскиот парк и во чија околина има многу угостителски објекти, а со самото тоа и зголемена фрекфенција на луѓе, дури и во раните утрински часови.
Клуч од подрумските простории, како и од влезната врата имал и првоосомничениот Љупчо Палевски, кој поседувал и имот во истата зграда. Како што е веќе познато, зградата е изградена од компанијата Уна Ентерпрајз, чиј сопственик бил Палевски.
„ПорталиX“ објави видео на кое се гледаат возилата украдениот „цитроен“ и бело „рено“ со кои, според информациите, била киднапирана 14-годишната Вања Ѓорчевска.
Според видеото, во „цитроенот“ се гледаат возач и совозач со црни капи, како и нешто што наликува на бела вреќа во задниот дел од возилото. Снимките покажуваат и чад од пожар на местото каде што подоцна е пронајдено опожареното возило, но и закопаното тело на убиеното девојче.