Утрово е затворена скопската Зоолошка градина. Како што велат вработени во градината за САКАМДАКАЖАМ.МК, од Агенцијата за храна и ветеринарство е утврден птичји грип кај гуска што долетата во езерцето однадвор. Инспектори од Агенцијата извршиле увид, по што, како што раскажуваат вработените, убиени се сите птици кои се наоѓале во езерото поради контакт со заразената гуска.
Во моментов во Зоолошката градина не може да се влезе, а вработените велат дека се затечени од овој случај.
Директорот на Зоолошката градина Зоран Попов не одговараше на нашите телефонски повици.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов ни рече дека за еден час ќе испратат соопштение за случајот во Зоолошката градина, не сакаше да каже дали станува збор за случај на птичји грип.
„Во моментов Зоолошката не работи од технички причини. Наскоро ќе излеземе со комплетно соопштение и потоа ќе можеме да одговориме на сите прашања“, ни одговори Миланов.