Тројца патници загинаа, а петмина се префрлени в болница, откако попладнево се преврте комбе на автопатот Скопје-Велес, соопшти МВР.
“Во 17.45 ч. пријавено е дека на автопат Скопје -Велес, пред тунелот, се превртело комбе. Досега е констатирана смрт кај три лица, а пет се пренесени во болница за укажување помош. На лице место се упатени полициски екипи и јавен обвинител”, велат од МВР.
На местото на несреќата први помош укажале две екипи на Брза помош од Скопје и една од Велес.
Д-р Марија Срцева, директорка на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување (ТОАРИЛУЦ) за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека на Клиниката со итна помош се донесени и хоспитализирани четворица пациенти, од кои сите се во единицата за интензивна нега. Тие се веќе дијагностицирани.
Таа вели дека по несреќата кај Катланово дежурните екипи се зајакнати со дополнителни тимови.
Од Скопското обвинителство соопштија дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и увидни екипи на МВР вечерва вршат увид на лице место на тешката сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Велес.
На местото на несреќата е повикан и сообраќаен вештак за утврдување на причините. Се преземаат увидни дејствија, а јавниот обвинител ќе ги издаде сите потребни наредби за вештачења.