Семејна трагедија се случила денеска попладне во тетовското село Слатино. Во семејната куќа на Р. Ш. мртви се пронајдени жена и нејзината малолетна ќерка. Мажот и малолетниот син биле префрлени во тетовската болница. Случајот во тетовската полиција го пријавил доктор од селото.
„Денес околу 14.00 часот, во СВР Тетово Т. Ј. од Теарце во својство на доктор, пријавил дека во село Слатино бил повикан за интервенција од М. З. од тетовско Слатино која ги нашла нејзината ќерка К. Ш. (36) и нејзината малолетна внука во нивната семејна куќа без знаци на живот, каде што од негова страна била констатирана смрт. Веднаш било постапено по пријавата и обезбедено лице место каде што екипа при СВР Тетово во содејство со Јавен обвинител извршиле увид, а по наредба на обвинителот телото на починатите биле предадени за обдукција, нејзиниот сопруг Р. Ш. (50) заедно со неговиот малолетен син, ќе бидат префрлени во Клиничка болница Тетово за укажување на лекарска помош, а потоа лицето Р. Ш. ќе биде задржано во полициска станица за понатамошна постапка“, соопшти портпаролот на СВР Тетово Фатмир Реџепи.
Според информации од жители на селото, Р. Ш. дваесет години бил во тешка здравствена и психичка состојба, семејството живеело во тешки услови, а имале и семејни проблеми. По укажувањето на лекарската помош, малолетното дете ќе биде згрижено од социјалните служби, објави СДК.мк.