Помина половина месец откако инспектори и обвинители влегоа на Клиниката за онкологија. Земени се компјутери, документи и медицинска евиденција на пациентите. Но, Обвинителството до денеска не излезе со официјални информации што е пронајдено и дали има осомничени од раководството на клиниката.
Под мотото „Правда за жртвите“ утре во 18 часот пред Владата е најавен трет протест по ред. Новите сомнежи се дека на Клиниката за онкологија воопшто нема евиденција за пациенти кои починале во домашни услови, а лековите наместо за пациентите завршиле на црниот пазар.
„Клиниката за онкологија ги квалификува како живи пациентите кои таму се лекувале, а потоа починале во домашни услови! Причината за тоа е постоењето на два системи кои ја организираат работата на пациентите. „Мој термин“ и „Ултра“, но ниту еден не ја забележува смртта на пациенти пуштени на домашно лекување“, велат од Надпартиската иницијатива.
Од оваа иницијатива апелираат до институциите да ги најдат виновниците и криминалците, или ќе ги сметаат за соучесници. Протестот е поддржан и од националниот координатор во самостојниот синдикат на здравствените работници Боби Бојчевски. Тој во интервју за Радио Слободна Европа бара да се откриее, како што вели, секој здравствен профитер од Онкологија, со име и презиме.
„Го поддржуваме протестот и се молиме случајот со здравствените профитери на Онкологија да се реши што поскоро. Јавно, по име и презиме. Ова е скандал без преседан“, вели Боби Бојчевски.
Инаку, првиот протест се одржа на 4 септември, а вториот на 11 истиот месец. Јавното обвинителство пред неколку дена соопшти дека директен пристап до истражната постапка ќе имаат тројца пациенти од Онкологија. Исто така, вчера Собранието донесе одлука за формирање анкетна комисија која ќе ја следи предистражната постапка во Обвинителството. Комисијата ќе брои 13 члена, додека претседател ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.