Претседателот на Украина Владимир Зеленски денеска изјави дека Украина нема да престане да се бори со рускиот агресор.

Зеленски во видео обраќање пред неговата канцеларија ги повика сограѓаните да не веруваат во пропагандни лаги, пренесe УНИАН.

„Сега на мрежите има многу лажни информации дека ја повикувам нашата армија да го остави оружјето и дека евакуацијата е во тек. Значи, јас сум тука, нема да го положиме оружјето. Ќе ја браниме нашата држава, затоа што нашето оружје е нашата вистина. Ова е нашата земја. Нашата држава, нашите деца и сето тоа ќе го заштитиме“, посочи Зеленски.

Украинскиот претседател денеска посочи дека сега е „клучниот момент“ да се донесе одлука за членството на Украина во Европската унија, во време кога Русија ги продолжува своите воени операции.

Во твит, Зеленски откри дека разговарал со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за „понатамошна ефикасна помош и херојската борба на Украинците за нивната слобода и иднина“, објави Ројтерс.

Зеленски ја одбил понудата на Вашингтон да му помогне да се евакуира од Киев, јавуваат американските медиуми.

„Тука се води борба. Ми треба муниција, а не транспорт“, агенцијата АП го цитираше Зеленски, повикувајќи се на висок разузнавач, запознаен со разговорот.