Мајка од Полска и нејзиниот седумгодишен син загинале откако паднале од ферибот на Балтичкото Море кој патувал од Шведска за Полска, изјави портпаролот на полската полиција. Шведските власти вчера соопштија дека детето паднало од траектот и дека мајката скокнала за да го спаси.
Тие биле извлечени од морето со хеликоптер и префрлени во шведска болница.
– За жал, утринава добивме информација од шведска страна дека оваа страшна вест мораме да ја пренесеме на семејството бидејќи и момчето и жената се мртви, изјави портпаролот на полицијата Мариуш Циарка.
Шведската полиција не можела да потврди дека мајката и момчето починале. Од болницата не сакаа да коментираат. Шведскиот траект „Стена спирит“ бил на половина пат до Гдиња во Полска кога се случила несреќата. Не е познато зошто се случила.
„Во моментов немаме информации дали тоа се случило поради дефект на траектот“, изјави портпаролката на „Стена лајн“ за ТВН24. Работиме со полицијата и другите релевантни органи за расветлување на причините и околностите за овој инцидент.
Шведската полиција, преку полската новинска агенција ПАП, апелира до полските патници на траектот да се јават доколку знаат нешто за тоа како се случила несреќата.
„Дејли Мејл“ попладнево објави информација дека шведските власти покренале прелиминарна истрага за овој случај и дека се сомневаат во убиство. Не е јасно дали истрагата можеби е насочена кон самата мајка, истакнува „Дејли мејл“.