Обдукцијата покажа дека за смртта кај 24-годишното момче Симеон Т. од битолското село Цапари, кое вчера почина во Битолската болница нема лекарска грешка и дека причината е десеминирана интраваскуларна коагулација (ДИК).

Од Битолската клиничка болница за „Независен“ потврдуваат дека обдукцијата завршила, ден по смртта, и дека наодот покажала дека смртта кај момчето настапила заради тежок инфект и внатрешно крварење на органите.

„Наодот од обдукцијата покажа дека причината за смртта кај младиот пациент е ДИК или десеминирана интраваскуларна коагулација. Тоа е брзо трошење на факторите на згрутчување на крвта и доведува до неконтролирано крварење на многу органи и системи во организмот, а резултира со прогресивно создавање тромбози и микротромбози кај сите органи. Сето ова е предизвикано од тежок инфект кај детето. Обдукцијата покажа дека нема лекарска грешка“, изјави д-р Елизабета Ивановска, директорка на Битолската болница за „Независен“.

Смртта на момчето настапила вчера доцна попладнето по 18 часот, откако од утрото било примено на болница со многу висока температура и трески. На почеток било згрижено на одделот за Интензивна нега, и биле консултирани конзилијарно и лекари од други одделенија, но од час во час состојбата се влошувала, па по речиси десет часа од хоспитализацијата и борба на лекарите момчето починало.

Официјално од болницата потврдија дека момчето претходниот ден, во вторникот било лекарски третирано и му била дадена терапија и било пуштено дома, но ноќта меѓу вторникот и средата повторно имало висока температура и влошување на состојбата, што било причина да се врати на болница и да го хоспитализираат. За жал имало лошо наоди на направените лабораториските анализи.

„Момчето претходно било високо фебрилно дома седум дена, нелекувано, нејавено на лекар. Претходниот ден дошло на Инфективно, земени се брисеви, лабораторија и пуштено дома со терапија. Но, ноќта повторно било високо фебрилно и вчера сабајле доаѓа на Интерно, контактибилно, но имаше многу лоши наоди од лабораторија. Го зедоа во службата за анестезија, бидејќи имаше целосен дисбаланс во организмот. Таму беше до 18 часот, но состојбата се влошуваше од час во час. Комплетно беше третирано со направени анализи на компјутер, глава, абдомен, торакс, повикани конзилијарно лекари од други одделенија на болницата. Го прегледаа доктори од Неврологија, Инфектологија, ОРЛ, Хирургија, Очно и други одделенија. За случајот повикавме да се направи обдукција, за и ние како лекари да знаеме која беше причината за смртта“, изјави д-р Ивановска утрово за „Независен“.