Полицијата и обвинителството објавија снимки од апсење на дилер од скопска Газибаба кој продавал кокаин, хероин и марихуана на повеќе лица.
Во претресот најдена е компјутерска и гејмерска опрема во вредност од 120 илјади евра, пари кои според сомневањата на истрагата се заработени со препродажба на дрога. Осомничениот според соопштението на МВР набавувал дрога на големо, а потоа ја препакувал во помали дози кои ги продавал од 600 денари за марухуана до 3 илјади денари за пакување кокаин.
На уапсениот му е определен притвор, а обвинителството ќе иницира финаниска истрага и доколку се утврди дека возила и компјутерската опрема се набавени со продажба на дрога ќе биде спроведена конфискација. Ваков вид на конфискација може да се спроведува и преку скопското обвинителството откако беше изменет Кривичниот законик во септември, кога пратениците ги изгласаа и контроверзните промени за намалување на казните за Злоупотреба на службената положба.
Осомничениот и претходно бил во затвор за дрога и издржувал 15-годишна затворска казна.
Во продолжение, соопштението на Јавното обвинителство за истрагата:
По насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материјали заедно со СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога, САЕ Тигар и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, спроведоа криминалистичко истражување од септември 2023 до јануари 2024 година за едно лице од Скопје, кое претходно било осудено и издржало казна затвор од 15 години за продажба на дрога.
Во текот на истрагата обезбедени се материјални докази и утврдено е дека осомничениот 45-годишник набавувал кокаин, хероин и марихуана и потоа ги препакувал и ги препродавал по цена од 3000 денари за пакување кокаин, од 600 до 1000 денари за пакување хероин и 600 денари за пакување марихуана. Во текот на истрагата обезбедени се докази дека тој продавал дрога на поголем број лица.
На 14 јануари, во координација со САЕ Тигар, во населбата Гази Баба во Скопје извршени се претреси на три локации. При претресите се пронајдени кокаин, три дигитални ваги и други предмети, а во деловниот објект се пронајдени 21 компјутери со монитори и гејмерска опрема, разновидна компјутерска опрема вредна околу 120.000 евра, за кои постои сомнение дека се купени од парите од продажба на дрога.
По приемот на кривичната пријава, во текот на утрешниот ден, Основното јавно обвинителство Скопје ќе донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик. До Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
Во текот на постапката, против осомничениот ќе биде спроведена и финансиска истрага. Доколку се потврдат сомненијата дека пронајдената опрема, превозни средства и недвижниот имот се стекнати со финансиски средства остварени со продажба на наркотична дрога, Јавното обвинителство ќе поведе постапка за конфискација, во согласност со законските одредби.