Тригодишно дете почина денес околу 17 часот во Сјеница во село Дражевиќ. Несреќата се случила во дворот на семејната куќа, каде детето си играло покрај автомобил, а српските медиуми објавуваат детали како дошло до несреќата.

– Момчето си играло околу автомобилот кој бил паркиран во дворот од куќата и чиј прозорец бил полуотворен. Се претпоставува дека се обидел да влезе во возилото преку прозорецот, и стоел на надворешната лајсна од возачката врата. Во еден момент, најверојатно, детето се лизнало и се заглавило меѓу стаклото и оквирот од вратата, при што се здобило со повреди од кои детето починало – вели изворот на српските медиуми.

Изворот додава дека по десет минути мајката го пронашла детето без знаци на живот, по што итно било пренесено во болница, каде лекарите можеле само да констатираат смрт.

Полицијата врши увид и работи на утврдување на сите факти. Да потсетиме, несреќата се случила во дворот од семејната куќа, каде детето си играло.

Екипата за итна помош, која дошла на повик на родителите, можела само да ја констатира смртта.