ОБНОВЕНО: Такси превозот во Скопје нема да поскапи

Такси превозот во Скопје нема да поскапи, бидејќи таква иницијатива нема поднесено до Град Скопје. Информацијата е шпекулација и истата ја демантираа од Групацијата на такси возачи Анализираме објава на Фејсбук која посочува дека ќе поскапи такси превозот во Скопје.

Од Влае до Центар за 250 денари – поскапува такси превозот во Скопје?, стои во објавата. Објавата споделува и напис во кој се посочува дека таксистите во Скопје барале поскапување на такси-услугите, бидејќи моменталниот ценовник не бил изменет цели 11 години, што според нив веќе било некомпатибилно со сегашните економски услови.

Тие предлагаат почетната цена, или таканаречениот старт, да изнесува 60 денари, додека цената за секој изминат километар да биде 35 денари. Дополнително, тие предвидуваат цена од 480 денари за еден час чекање во место, со цел да се покрие трошокот кога возилото е вклучено без движење, стои во написот.

Текстот се повикува на изјава на само еден такси возач, но нема став од официјално такси здружение или групација која ги претставува сите такси возачи.

Ваква вест пренесоа и голем дел од медиумите. Тоа беше причина да се јават од Групацијата на такси превозниците и да ја демантираат веста. Оттаму категорично ја отфрлија информацијата дека постои каква било иницијатива за поскапување на такси услугите. Претседателот на групацијата Сашо Рајчановски, посочи дека ваквите информации, кои се појавиле во медиумите, не се точни и можат да предизвикаат непотребна загриженост меѓу граѓаните.

Таксистите немаат поднесено барање до Советот на Град Скопје за повисоки цени, бидејќи во моментов нема основ за тоа. Тарифите се регулирани пред две години, кога воведовме три различни тарифни ставки на таксиметрите. Сите возачи сега возат по втората тарифа. Ако некоја компанија сака да премине на третата, највисока тарифа, може тоа да го стори со промена на ценовникот во возилото, појасни Рајчановски за „Слободен печат“ и додава дека информацијата која денес циркулира во некои медиуми веројатно е пуштена од див таксист кој не знае како се работи со фискален таксиметар.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека такси превозот во Скопје нема да поскапи, бидејќи таква иницијатива нема поднесено до Град Скопје. Информацијата е шпекулација и истата ја демантираа од Групацијата на такси возачи. Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.