Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, бил докторот за кој повреденото момче Леонид Даов кажува дека прв истрчал да и помогне на загинатата млада девојка Викторија, сведочат очевидци на социјалните мрежи, објави порталот Скопје1.
Според тие кои се затекнале кај раскрсницата на Партизанска, близу „Сити мол“, а споделија информации за трагедијата, Стојкоски случајно се затекнал таму и истрчал на помош во моментот кога се случила несреќата, се обидел да и даде прва помош на Викторија, но единствено што можел да констатира е дека таа починала на лице место, како што сведочеше и повредениот Леонид.
„Дотрча од страна. Веднаш се обиде да помогне, да даде прва помош, но беше предоцна бидејќи девојката беше мртва“, пишува во коментарите на социјалните мрежи, каде граѓани сведочат за трагедијата.
Во интервјуто кое момчето го даде за „Код“, момчето посочи: „Еден од сведоците беше доктор притрча и ѝ мереше пулс. Уверен сум дека не сакаше да ми каже за најлошото. Луѓе кои беа сведоци на настанот ме тргнаа од Викторија.
– Потврда за оваа информација не добивме. Стојкоски не одговори на повиците од нашата редакција. Инаку, тој е доктор радиолог на Институтот за радиологија во рамки на Клиничкиот центар. Истовремено, сведоци на ужасната трагедија велат дека докторот, но и неколку други лица, за цело време по несреќата бил и со повредениот Леонид, го тргнале настрана и се обиделе да го смират. На помош дошла и Брзата помош, која го земала за да му се направат сите испитувања, објави Скопје 1.
За потсетување, во оваа трагична сообраќајна несреќа, животот го загуби 24-годишната Викторија од Радовиш. Постоел обид да и се помогне од докторот, но безуспешен. Нејзиното момче, Леонид Даов, беше повреден и со страшни трауми. Многу очевидци споделија информации за страшната трагедија.