Рускиот енергетски гигант Гаспром денеска соопшти дека од 05 часот на 1 јануари – ќе го запре извозот на гас за Молдавија поради неплатени долгови.

Компанијата соопшти дека го задржува правото да преземе какви било активности, вклучително и раскинување на договорот за снабдување на Молдавија.

Прекинот на испораките е предвесник на целосно запирање на извозот на руски гас преку Украина и во Европа, од каде продолжува кон Словачка, Австрија, Унгарија и Италија, по истекот на актуелниот транзит-договор со Украина на 31 декември.

Русија ја снабдува Молдавија со околу 2 милијарди кубни метри гас годишно преку Украина. Населението на Молдавија од 2,5 милиони луѓе се подготвува за продолжени прекини на електричната енергија откако Киев рече дека нема да го продолжи својот транзит-договор со Гаспром.

Русија, која е критична кон прозападната влада во Кишињев, бара Молдавија да го плати долгот за минати испораки, кој според руските пресметки изнесува 709 милиони долари, а Молдавија тврди дека должи 8,6 милиони.

Русија ја снабдува Молдавија со околу две милијарди кубни метри гас годишно преку Украина. Гасот се доставува до отцепениот регион Придњестровје, кој го користи гасот за производство на евтина енергија што ја продава на остатокот од Молдавија.