Поминаа само 5 дена од руската инвазија на Украина, но војната веќе и го нанесе првиот сериозен удар на регионалната економија.

Од четвртокот ниту еден брод со арматурно железо не ја напушти Русија или Украина.

Се трупаат барањата на градежниците, но нема кој да ги исполни. За само неколку часа до понеделник наутро цените, кои веќе во претходните месеци пораснаа за 40 отсто, се искачи уште повисоко.

До почетокот на 2021 година, градежното железо чинеше најмногу 850 евра за тон, но во текот на лани порасна за околу 40 отсто и се очекува цената наскоро да се удвои во споредба со тогаш.

Околу 40% од увозот доаѓа од Русија и Украина. Во регионот се увезува и од Турција, Кина, Италија и Грција.

Сепак, Турција со години има квоти за извоз на железо во ЕУ – вкупно 72.000 тони за целина. Од Италија се увезуваат поголеми количини, но 30-40% од тамошното производство зависи од увоз на суровини од Русија и Украина.

Војната во Украина ќе ги зголеми цените на вештачките ѓубрива

Војната во Украина ќе ги зголеми цените на вештачките ѓубрива, кои се неопходни за земјоделското производство, пишува порталот Фактор.

Во македонските земјоделски аптеки се продаваат грчки, бугарски, унгарски, хрватски ѓубрива, но за нив суровини се набавуваат од Русија. Оваа земја е позната по извозот на ѓубрива со амониум нитрат. Санкциите воведени за Русија поради војната во Украина, ќе удрат и по „џебот“ на македонските земјоделци. Од земјоделските аптеки велат дека ѓубривата кои се продавале по 400 денари, сега чинат 1.200 денари.

„Русија е една од најголемите, ако не и најголем извозник на амониум нитрат во светот. Кризата во Украина ќе има многу големо влијание врз нас. Без ѓубрива не може да успее ни пченица, ниту ништо друго. Зелката од струмичко се извезуваше во Украина, но сега е можно производството да пропадне“, велат за Фактор од струмичка земјоделска аптека.

Но, сопстевниците на земјоделските аптеки нагласуваат дека и цените на енергенсите ќе придонесат за покачување на цените на ѓубривата. Дополнително, за производство на ѓубривата е потребен и квалитетниот белоруски калиум, а Белорусија се вмеша во војната со тоа што од нејзина територија беа гаѓани цели во Украина, и за неа ЕУ воведе санкции.

„Очекувам дека за 50 отсто ќе скокнат цените на ѓубривата, а кога тоа ќе се случи, зависи од тоа кога војната ќе заврши. За земјоделците ќе биде многу тешко, и ќе заработи само тој што ќе има пари да вложи“, додаваат од друга земјоделска аптека во Струмица.