Почина Тоде Новачевски, еден од најдобрите македонски композитори и поранешен сопруг на пејачката Маријана, после долго боледување од рак на белите дробови.
Новачевски беше синоним за најпопуларниот сестрински дует кај нас и песната „Признавам“, испеан од Маријана и Росана. Тој повеќе децении беше во брак со Маријана, минатата година откри дека веќе две години се бори со карцином, но зборуваше и за подемите и падовите во бракот со Маријана и разводот.
По тој повод, Росана, сестра на Маријана, со емотивна објава се прости од него.
„Нашиот композитор, еден и единствен. Човек кој ни ги подари најубавите евергрини на сите времиња, скромен, голем, татко на моите внуци си замина во вечноста. Сега заедно со нашиот брат горе некаде нека компонираат, музицираат бидејки музиката им беше живот. Голема благодарност и почит до него. Спомените за него и неговите песни секогаш ќе бидат во моето срце. Тивко живеесе, тивко и си замина. Почивај во мир, мој Тоде“, напиша таа на Фејсбук.
Тоде ќе остане запомнет по неговите антологиски песни кои ги напиша за нив две, „А од љубов не се бега“, „Ако не исчезнам“, „Признавам“, и многу други. Тој лани во интервју за Свет Австралија раскажа за својата двегодишна борба со ракот.
Таму останаа и да живеат и по разводот, и музичарот до последните моменти од животот не криеше дека љубовта кон Маријана, кон нивните деца и внуци секогаш го води напред.
Пред два месеци, за роденденот на Маријана и Росана, јавно им се заблагодари за се, со зборовите дека периодот кој го делел со нив, и со сопругот на Росана, актерот Трупче, бил најсреќниот период од неговиот живот.
Неколку дена пред тоа пак, откри дека ќелиите на канцерот се пробиле до мозокот, но не губел надеж дека сепак ќе се излекува.
-Организамот се тресе до степен на нестабилност, губење на рамнотежа и енергија, состојба во која се губи контрола на дел од телото, во мојот случај, левата страна. Оваа состојба не дозволува одмор, спиење, мир, и ако навремено не се реагира, може да предизвика удар и изливи во виталните органи.
Ете драги мои пријатели, до овде јас стигнав пред две-три недели, но позитивен и со верба дека низ оваа беља ќе минувам со надеж и оптимизам како и досега-појасни тој лани, во декември.
Последните објави на неговиот профил се посветени на семејството, на љубовта кон децата, внуците, Маријана…
-Од љубовта, од вистината и од својата судбина никој не избегал. Не избегав и јас! Ако со некоја моја песна, музика, или било каква мала добрина сум ве израдувал малку, еве ми го најубавиот момент да сум најсреќен и најспокоен човек на светот, само заради тоа! – напиша тој во една од последните јавни објави.