Граѓаните од утре ќе може да посетуваат објекти од затворен и отворен тип само со сертификат за целосна имунизација (примени две вакцини) или со потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена. Ваквата одлука беше донесена од страна на Владата на седницата одржана на 26 октомври.
– Се дозволува влез во секаков вид на објекти од отворен и затворен тип, угостителските објекти (кафетерии, ресторани, барови, ноќни клубови-дискотеки), во угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, во казината и обложувалниците, во други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, во угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично), како и се дозволува влез каде што се одржува настан од секаков друг вид (концерти, семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции, културни или спортски настани), на посетители / гости / лица, со поседување и приложување од 15 ноември на сертификат за примени две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19 или сертификат/потврда за прележан Ковид 19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, стои во одлуката на Владата.
-Рестриктивните мерки повеќе даваат резултат, а тие значат забрана за посета на затворени простории, задолжително тестирање на трошок на оној кој не се вакцинирал, лекување во случај на заболување на трошок на тој кој не се вакцинирал. Јас ги оправдувам сите вакви мерки, коишто ќе ја зголемат стапката на вакцинација, бидејќи според сите научни докази вакцинацијата е најјасниот излез од кризата, вели доктор Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија за РСЕ.
Вели дека опуштањето има влијание на зголемувањето на бројките, а уште повеќе имаат влијание условите надвор, во зимски услови кога повеќе време поминуваме на затворено, е очекувано и сите практично очекувавме зголемување на бројките.