Веќе од утре (1 септември) сите домашни и странски државјани ќе можат да влезат во Република Македонија само доколку претходно на граничниот премин приожат документација дека се имунизирани или пак дека имаат негативен ПЦР тест. Доколку немате потврда, а сте македонски државјанин ќе ви биде определена и мерка карантин.

На граничните премини ќе можат да се приложат следните документи:

– Сертификат/потврда за извршена имунизација, односно примени најмалку две дози против заразната болест; или

– Сертификат/потврда за прележана болест во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или

– Медицинска потврда со негативен резултат, направен 72 часа пред влез на територијата на Република Северна Македонија.

За македонските граѓани кои ќе се враќаат во земјата после 1 септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена доза или прележана болест, ќе се одреди мерка карантин од 7 (седум) дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Странските државјани кои транзитираат низ земјата ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата.