Силен земјотрес со голема јачина (проценките се од од 6,8 до 7,6 степени) според Рихтеровата скала е регистриран денеска попладне, пред околу половина час недалеку од брегот на Мексико во Пацификот.

Земјотресот е регистриран на 59 километри јужно од Коалкоман де Васкез Паљарес, во близина на брегот на државата Мичоакан, соопшти Националната сеизмолошка служба на Мексико.

Националната служба извести за магнитуда од 6,8 степени според Рихтеровата скала, но Геолошкиот институт на САД (USGS) првично објави дека е многу посилен земјотрес со јачина од 7,6 степени, како што објави и Европско медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).

Властите издадоа предупредување за цунами

„Одалечете се од брегот и стигнете на повисоките места. Следете ги директивите на властите“, се вели во соопштението.

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 60 километри во областа Мичоакан, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).

Засега нема информации за евентуални жртви и материјална штета.

На социјалните мрежи се појави видео кое го прикажува моментот кога се почувствувал земјотресот во Мексико Сити. На него се гледа како семафор се ниша од силината на земјотресот, додека луѓето паѓаат на земја.