Поранешниот фудбалер и тренер на Сараево, Џенан Ушчуплиќ, денес трагично загина од удар на гром, пренесуваат медиумите во Босна и Херцеговина.
48-годишниот тренер заедно со пријателите бил на планинарење на Зеленгора, кога се случил трагичниот настан. Спасувачките екипи се обидуваат да го извлечат телото на несреќниот Ушчуплиќ од надморска висина од 1.700 метри.
Џенан Ушчуплиќ како фудбалер освен за Сараево, настапуваше и за Железничар и Олимпик, додека тренерската кариера од пензионирањето на 27-годишна возраст, па се до смртта ја градеше во младинските и првата екипа на Сараево, каде соработуваше и со поранешниот македонски репрезентативец, Крсте Велкоски, кој во два мандати беше фудбалер на Сараево, од 2014-тата до 2016-тата и од 2017-тата до 2022-рата година.