Огромна трагедија ја вознемири спортска Македонија утрово. Згасна животот на голманот на РК Охрид и македонски репрезентативец, 26-годишниот Никола Даниловски.
Безживотното тело на младиот спортист било пронајдено во туристичката населба Лагадин, во водите на Охридското Езеро, без траги од насилство, како што информираа од охридската полиција. На местото на настанот извршен е увид, а истрагата работи на расветлување на случајот, кој ја потресе охридската јавност.
Веста за смртта на популарниот „Џамбо“, како што беше познат во ракометните кругови ја потврди неговиот клуб. Од РК Охрид жалат за изгубениот млад живот и изразуваат сочувство до семејството на Никола Даниловски.
„Затечени и потресени сме од трагичната вест за прераната смрт на нашиот голман Никола Даниловски. Нашите мисли во овие моменти се со семејството на Никола, на кое му изразуваме длабоко сочувство. Загубата е огромна и не постојат зборови на утеха кои можат да ја намалат големата болка“ – велат од РК Охрид, каде Никола бранеше од минатата година, а претходнно има настапувано и за Пелистер и Металург.
Поради трагичната смрт на младиот голман, одложен е вечерашниот меч од Суперлигата помеѓу РК Охрид и РК Струга.