Осомничениот со пиштол, што неовластено го поседувал, почнал да пука кон соседите и притоа едниот бил ранет во пределот на левата надколеница, додека вториот починал на местото на настанот од здобиените прострелни рани на левата страна од стомакот и левата нога
Велешкиот суд одредил 30-дневен притвор за 61-годишен жител на селото Подлес, Градско осомничен дека извршил убиство на сосед, соопштија од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес.
Оттаму велат дека мерката е изречена поради сомневања дека осомничениот може да побегне, дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци и вештаци, како и дека може да го повтори делото.
Во соопштението од ОЈО се вели дека настанот се случил на 12.6.2023 година во селото Подлес, Градско, кога двајцата соседи на осомничениот со цел да се приклучат на мрежната водоводна инсталација со соодветен алат започнале да извршуваат ископ на земја на десетина метри од влезната врата на осомничениот.
„Осомничениот со кого оштетените имале претходно нарушени односи откако ги забележал, дошол со полуавтоматско кусо огнено оружје – пиштол што неовластено го поседувал и започнал да пука кон нив. Притоа едниот оштетен бил ранет во пределот на левата надколеница, додека вториот починал на местото на настанот од здобиените прострелни рани на левата страна од стомакот и левата нога“, се вели во соопштението од ОЈО.
Осомничениот се товари за три кривични дела и тоа убиство, убиство во обид и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.