Петмина осомничени од групата Грчец добија притвор. Шакир Бајрами, Фадил Бајрамовски, Неџати Исени, Фати Сулејмановски и Севдал Азири ноќеска се префрлени во Шутка, откако судот им определи 30-дневен притвор, поради сомнежи за учество во групата осомничена за шверц на стотици килограми кокаин, убиства и перење пари. Шестиот приведен, Оливер Петров, кој е осомничен дека убедувал жртва на групата Грчец да смени изјава во истрага, доби поблага мерка, односно одземен му е пасошот.
Лидерот на групата, Шеваљ Муареми не беше уапсен. Со години е надвор од државата од каде раководи со големата скопска криминална група. Во моментот, според информации на Телма од истрагата, се наоѓа во Дубаи, а полицијата потврдила и дека таму бил и Раде Трајковски-Штекли, скопјанец кого групата на Муареми двапати се обиде да го ликвидира во Ист гејт мол.
Штекли, според полициски извори на Телма, бил во Емирати за да се смирува со ривалот. Штекли беше под заштита на кланот Беланоца и поради тоа групата на Шеваљ Муареми го нападна двапати, а по апсењето на шестемина од кланот Грчец, токму први со прослава реагираа затворените припадници на нивните ривали од кланот Беланоца.
Фатлум Ајети, викан Тоте, син на убиениот Џељо Ајети пред една деценија, од затворот Идризово, од удобно катче со пура во рака, ја прослави полициската акција против неговите непријатели од подземјето.
Се почнало со апсењето на Реџеп Сехратлиќ во Шпанија. Поранешниот жител на Батинци, познат како Големиот Репки, подолг период бил во Шпанија, а бил најден при заедничката истрага на Европол и МВР откако на македонските кланови им беа откриени над 700 килограми кокаин од Јужна Америка. Сехратлиќ бил дел од криминалната група на Муареми. Групата Грчец имала соработници во државните органи, во полицијата, судот, обвинителството, министерствата, објави вчера Спасовски.
Покрај кокаинот, групата е осомничена за перење на пари со купување на недвижности низ Скопје и Македонија, како и луксузни автомобили. Осомничени се и за три убиства и еден обид за убиство. Според МВР, групата на Муареми е одговори за двојното убиство во Топанско Поле кога во автомобил Ситроен беа најдени застрелани 28-годишниот Африм Бериша и 24-годишниот Бурим Вардари. Убиството е извршено на 5 март 2021-ва година и беше едно од нерешените злостори со застрелани припадници на клановите во војната за скопскиот наркопазар.
Групата на Шеваљ Муареми е осомничен и за убиство на албански државјанин чие тело, изедено од диви животни беше најдено над селото Горно Матка во мај 2020-та година. Убиениот бил закопан во дупка во овој слабо населен реон, но телото било полуоткопано од диви животни. Убиениот беше препознат по специфичната тетоважа. Осомничени се и за обид за убиство на Борис Мутков – Фантом извршено пред пет години во населбата Бардовци. (ТЕЛМА ТЕЛЕВИЗИЈА)