Една од причините зошто сум тука во Охрид е да бараме решение на спорот со Бугарија и тука морам да внимавам на името на државата – Северна Македонија, изјави премиерот на Унгарија, Виктор Орбан пред почетокот на меѓувладината конференција на делегациите на Македонија и Унгарија.
„Северна Македонија има спор со Бугарите, кои го блокираат пристапниот процес. Унгарија е лидер на Унијата и наша должност е да одиме во одредени земји за да ги решиме постојните конфликти. Делумно затоа сме тука. Но, претседателството со ЕУ брзо поминува, ќе видиме, секако, има прашања кои не поминуваат лесно, како што е прашањето за миграцијата“, изјави Орбан утрово во интервју за унгарското Радио Кошут кое емитува програма од брегот на Охридското Езеро..
Според Орбан, постои и друга важна причина зошто дојде во Охрид, а тоа, како што нагласи, е фактот што низ Македонија минуваат важни трговски патишта.
„Ако сакаме да ги транспортираме нашите стоки до Унгарија, откако ќе бидат пристигнати по морски пат, нашиот пат до грчките пристаништа води преку Северна Македонија. Економската соработка меѓу двете земји е многу важна“, изјави унгарскиот премиер.
„Порано името на оваа држава беше Македонија, но поради проблемот со Грците мораше да го сменат името во Република Северна Македонија. Јас морам многу да внимавам и токму така да го формулирам името на државата за да не настане определен меѓународен проблем“, рече Орбан.