Речиси е невозможна мисија пасошите да важат по 12 февруари, бидејќи станува збор за обврски на меѓународниот договор кои стапуваат на сила, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според информациите кои тој ги има, грчката страна има разбирање за техничките аспекти, но не треба да се заборават обврските.
„Тоа е меѓународен договор, ратификуван во Парламент, не е одлука на влади на државите. Најдобро е да се договориме да бидеме во секојдневна комуникација со грчката страна за граѓаните да немаат проблеми по 13 февруари, по однос на транспортерите, сообраќајните дозволи, пасошите“, нагласи шефот на дипломатијата.
Според него, некоректно е граѓаните да седат без грижа, дека државата ќе среди, па после да им кажеме дека не можеме.
Министерот рече дека нема надеж дека пасошите ќе важат на 13 февруари, а кога Грција ќе ја информира ЕУ, пасошите нема да важат никаде.
„Уште еднаш порачувам, наместо да имаме иницијативи за одложување на рокот, да имаме иницијатива за исполнување на обврските пред 12 февруари, имаме уште еден месец и треба добро да се координираме сите. Од 13 февруари ќе размислуваме како да им помогнеме на граѓаните кои не успеале да извадат нова патна исправа“, објасни Османи.