Браќата Давитковски од селото Дренак, Кривопаланечко останаа без покрив над главата откако вчера напладне пламените јазици буквално го проголтале нивниот дом.
Како што информира командирот на Територијалната противпожарна единица Крива Паланка, Иле Коцевски, сопствениците на куќата биле надвор од домот, зафатени со обврски околу добитокот, а кога се вратиле, ја затекле куќата целосно опожарена.-Двајцата полнолетни браќа останале без покрив над главата, но и без покуќнина, како и без основни намирници.
Станува збор за непристапен терен, селото е оддалечено околу триесетина километри од Крива Паланка, а во овој период на зимски услови има снежни наноси и по околу еден метар, покрај високата снежна покривка од околу седумдесетина сантиметри, така што веднаш стапивме во контакт со локалната самоуправа, со градоначалникот и со ОО на Црвен крст, Крива Паланка, за координација на активностите за помош на нашите сограѓани, изјави Коцевски.
Првична помош од душеци, ќебиња, храна и хигиенски средства е обезбедена од страна на Црвениот крст, а дополнителни намирници обезбедила општината.
– Градоначалникот Митовски веднаш превзема мерки за навремена помош, обезбеди дополнителни прехранбени продукти покрај пакетите и помошта од Црвен крст, но предизвик беше доставата на истите. Благодарност до Офф роад Екстрим клубот, Крива Паланка кои се одзваа на повикот на градоначалникот да помогнат во доставата на производите. Тим од повеќе теренски возила на Офф роад Екстрим во екстремни услови стаса да ја достави помошта. Покрај нивната хуманост, мора да ја истакнам хуманоста и на мојот, нашиот колега пожарникар, Слаѓан Давитковски, кој ја отстапи својата куќа во село Дренак за да ги згрижи браќата, се до решавање на проблемот, бидејќи првично понуденото решение од општината да бидат згрижени во интернатот во градот, браќата не можеле да го прифатат заради добитокот што го имаат и мора да се грижат за него, додаде Коцевски.
Допрва ќе следува проценка на материјалната штета и утврдување на причините за настанување на пожарот.