52-годишниот Драган Јеремиќ почина синоќа околу полноќ во притвор во Втората полициска станица во Сплит. Тој поради алкохолизирана состојба е донесен во службените полициски простории за притвор со цел да се отрезни, соопшти денеска хрватската полиција, пренесуваат хрватските медиуми.

Пред да биде донесен во полициската станица, Јеремиќ бил однесен на преглед во болница, но не бил задржан на лекување, а набргу потоа починал во полициска станица. Првично не е утврдена насилна смрт, а обдукцијата ќе покаже од што починал, соопшти полицијата.

Кој е тој?

Според локалните портали, Јеремиќ бил најпознатиот бездомник во Сплит.

Станува збор за човек кој неодамна во неколку наврати беше споменуван во медиумите. Седум години бил на улица, а во последно време најчесто спиел пред продавниците Студенац и Бипа во зградата Стара Слободна.

Полицијата често го приведувала поради нарушување на редот и мирот во пијана состојба, а волонтери од сплитското здружение Мост и Центарот за социјални работи безуспешно се обидувале да му помогнат.

Далматинскиот портал пред десетина дена разговараше со здружението Мост кое се грижи за бездомниците во Сплит, но и со Центарот за социјални работи.

Од Здружението им рекле дека поради него имале стотици повици, но дека тој е човек кој одбива секаква помош, не само нивна, туку од сите.

Јеремиќ бил во тешка здравствена состојба и тежок зависник од алкохол, но не сакал ни да влезе во брзата помош, а не ни размислувал за лекување. Ја одбивал и помошта од Центарот за социјални работи.

Јеремиќ немал ниту здравствено осигурување, а неговата лична карта била истечена. Претходно со него била и неговата мајка, но нашла сместување, а тој не сакал да живее со неа.