Владимир М.(40) кој синоќа ја застрела сопругата Милена М.(35) во вратот во српскиот град Крагуевац попладнево е опколен од полицијата и според српските медиуми, вооружен се забарикадирал во автомобил.

– Полицијата ни порача да не излегуваме од куќите и да ги затвораме прозорците. Тој е вооружен во автомобилот и се заканува дека ќе се самоубие, изјавиле соседите за Телеграф.рс.

Откако ја застрелал сопругата, Владимир побегнал. Целиот град бил блокиран и интензивно се трага по него. Оружјето со кое најверојатно сакал да ја убие бил пиштол. Инаку, претходно немало пријави за насилство во оваа куќа.

Ранетата е докторка која до неодамна работела во Германија.

– Раната што ја има ѝ е на вратот, на многу критично место. Лекарите прават се за да и го спасат животот, објавуваат српските медиуми.

Oбидот за убиство наводно е љубомора

Неговиот мобилен телефон од синоќа е недостапен, а мотивот за обидот за убиство наводно е љубомора, тврди Телеграф. Семејството очекувало документи за сопругот и децата, за сите да се спојат и да живеат во Германија, пишува „Блиц.рс“.

Пријател на сопружниците Милена и Владимир М., бил шокиран од синоќешниот настан кој ги вознемирил сите што ги познавале. Тој рече дека ништо во нивната врска не навестувало дека може да се случи ваква трагедија.

– Тие беа хармоничен пар, тој повремено одеше во Германија со децата, а таа често доаѓаше во Крагуевац. Сите бевме среќни што добро се снајде во новата работа и што наскоро сите ќе бидат заедно. Го чекаа комплетирањето на документите за да го спојат семејството, изјави нивен добар пријател за nova.rs.

Тој вели дека Милена по завршувањето на средното медицинско училиште била добра студентка по медицина, но дека не можела да се вработи по струката и затоа решила да го научи јазикот и да замине во Германија.

„Таа беше упорна да замине и ние ги поддржавме. Владимир ја напушти работата за да се грижи за децата додека таа беше во Германија. Тие се мачеа толку разделени, а сега оваа трагедија е шок за сите нас. Ништо не укажуваше дека имале некакви проблеми за да се случи ова. Точно е дека семејството на Владимир негодуваше поради нејзиното одење во Германија, но не мислам дека тоа е причина тој да крене рака на Милена. Имаат две мали деца, не знам што му се случило за да постапи така, во шок и неверување раскажува нивниот пријател.

Милена работела во болница во Дрезден во последните три години и често објавувала фотографии од работа, како и со своето семејство на социјалните мрежи. Таа неодамна дошла во Крагуевац на краток одмор.

Според неофицијални информации, Владимир ја застрелал Милена на спиење, а потоа побегнал.