Двајцата повозрасни луѓе и момчето кои беа пронајдени починати во импровизиран верски објект во неготинското село Црвени Брегови, починале од труење со јаглерод моноксид, покажал наодот на Институтот за судска медицина.
Од Обвинителството попладнево за МИА потврдија дека се преземаат дејствија за утврдување на тоа што точно се случувало во објектот и како дошло до трагедијата.
На 8 декември, трите тела, на двајца повозразни луѓе на возраст од 71 и 66 години, за кои беше објавено дека биле оџи, како и на дете од 14 години, беа пронајдени во куќата во селото, за кој се утврди дека се користел како верски објект. Според наводите на сведоци кои ги објавија дел од медиумите, Ј. Ј., Ф. Е. и малолетникот не ги послушале останатите верници дека собата мириса на плин и останале да преспијат.
Според сведоците, верскиот обред завршил во 19 часот, по што присутните заминале за да се подготват за следниот ден бидејќи во селото имало прослава. Во неделата, за време на веселбата, дошле неколкумина жители на селото и на гостите на прославата им кажале дека двајцата оџи од Битола и Ресен починале.
„Во објект во село Црвени Брегови, неготинско, биле пронајдени три починати лица- Ј.Ј.(71) од Битола, Ф.Е.(66) од Ресен и малолетник од селото Црвени Брегови. Лекар од Итна медицинска помош Неготино констатирал смрт, а увид на местото извршил јавен обвинител во содејство со увидна екипа од ОВР Неготино. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени на обдукција, изјави тогаш портпаролката на СВР Велес, Биљана Ѓаковска.