Францускиот претседател Емануел Макрон го одбил барањето на Кремљ да направи руски тест за ковид-19 кога стигнал на средбата со претседателот Владимир Путин оваа недела, поради што бил држен на дистанца од рускиот лидер, кажале за Ројтерс два извори од придружбата на Макрон.

Јавноста ја изненади фотографијата на Макрон и Путин на спротивните страни на маса долга четири метри за време на разговорот за тензиите околу Украина пред четири дена.

Одделни дипломати сметале дека Путин сакал со тоа да испрати одредена дипломатска порака.

Меѓутоа, изворите кои се упатени во здравствениот протокол на францускиот претседател кажале дека Макрон имал избор да прифати ПЦР тест направен од руските власти и да биде блиску до Путин или да го одбие тоа и да биде држен на физичка дистанца.

„Знаевме многу добро дека тоа значи дека нема ракување и дека масата ќе биде долга. Но не можевме да прифатиме тие да ја добијат ДНК на нашиот претседател“, кажал еден извор.

Другиот извор кажа дека Макрон направил француски ПЦР тест пред тргнувањето и уште еден антигенски во Русија, кој му го направил личниот лекар.

Портпаролот на Кремљ засега не ги коментираше овие информации.