Млада девојка (18) запознала двајца војници во клуб во Келн кои наводно ја однеле во касарната по забавата каде брутално ја нападнале.
Ова се наведува во обвинението што јавниот обвинител го прочита во средата пред регионалниот суд во Келн.
Двајца од обвинетите, војниците Асмир Д.(23) и Хасан К.(24), тврдат дека немало сексуален однос за кој се обвинети.
Војниците тој ден дежурале во касарната Конрад Аденауер, од каде отишле во ќебапчилница, а потоа во „Дијамат клубот“ во центарот на Келн.
Таму сретнале млада жена која не можела да го најде својот пријател со кого излегла, па ѝ понудиле да ја одвезат дома, пишува Билд.
Како што тврдат, девојката била многу пијана и потенцијално под дејство на дрога.
Меѓутоа, обвинителството во обвинението ја претстави и другата страна на приказната: војниците ја прошверцувале жената на задното седиште од автомобилот покрај стражарите и ја донеле во касарната. Таму тие наизменично ја силувале и се снимале како го прават тоа. За време на малтретирањето, жртвата била во несвест и неподвижна лежела на креветот.
Откако завршиле со наводното малтретирање, двајцата војници ја сокриле 18-годишната девојка во автомобил и ја оставиле дома.
Бундесверот засега ги ослободи обвинетите војници, а судскиот процес продолжува. Се очекува пресудата да биде изречена кон средината на декември.