Откриени се штетни хемикалии во зеленчук од Северна Македонија, објави во понеделникот европскиот систем за брзо предупредување во прометот со храна, објавуваат денеска хрватските медиуми.

– Како што наведуваат, станува збор за мешана салата која со камион пристигнала на хрватската граница и била наменета за нашиот пазар. За среќа, тестирањето на примероците го откри штетниот пестицид хлорпирифос, па зелената салата од границата беше вратена во Македонија, објавија медиумите.

Во примероците кои веднаш беа анализирани, во салатата се откриени 0,055 mg/kg хлорпирифос. Дозволеното ниво на овој пестицид во храната е 0,0 според одлуката на ЕУ.

– Пред неколку недели истиот пестицид беше откриен во свежи моркови од Северна Македонија, а на крајот на јануари и во пратка мешана салата што требаше да биде увезена од истата земја, пишуваат хрватските медиуми.

Од 2020 година, хлорпирифос е забранет за употреба во ЕУ поради неговиот генотоксичен потенцијал и развојната невротоксичност кај цицачите. Бројни научни студии покажаа дека изложеноста на хлорпирифос може да влијае на невролошкиот развој на децата и да го оштети нероденото дете.

Тие го поврзуваат со нарушувања во развојот на мозокот, хиперактивност, ретардација на растот, намален коефициент на интелигенција.