Полицијата на Нов Јужен Велс го идентификуваше напаѓачот кој избоде шест лица до смрт во прометниот трговски центар во Сиднеј пред да биде убиен од жена полицаец, велејќи дека тоа не е терористички чин.
Полицијата денеска соопшти дека Џоел Кочи (40) е одговорен за вчерашниот напад во трговскиот центар Вестфилд во Бонди Џанкш, недалеку од светски познатата плажа Бонди.
Како што пренесува news.com.au, тој се рекламирал на интернет како машки ескорт, а од полицијата велат дека не се работи за тероризам. Тие тврдат дека Џоел боледувал од шизофренија. Во саботата влегол во трговскиот центар вооружен со нож и почнал да ги боде луѓето. Убил шест, а ранил 12, меѓу кои и деветмесечно бебе кое го прободел во рацете и стомакот. Мајката на бебето, која била избодена со нож, подоцна починала во болница.
Помошникот на полицијата во Нов Јужен Велс, Ентони Кук, на прес-конференција изјави дека Кочи страдал од неодредени проблеми со менталното здравје и дека нападот не се третира како терористички чин.
„Продолжуваме да работиме на профилирање на сторителот, но во оваа фаза е многу јасно дека тоа е поврзано со менталното здравје на сторителот“, рече Кук, според Асошиејтед прес.
Нападот на трговскиот центар, еден од најпрометните во земјата, започна околу 15 часот и 10 минути по локално време.
Во нападот загинаа шест лица – пет жени и еден маж, на возраст меѓу 20 и 55 години, а 12 повредени се пренесени во болница, меѓу кои и 9-месечно дете, чија мајка починала за време на нападот.
Две од шесте жртви се од странство и немаат семејство во Австралија, изјави денеска Кук.
Премиерот Ентони Албанес изјави дека полицајката која го уби напаѓачот „е херој кој спасил уште многу животи со своите постапки“.
„Прекрасната инспекторка која се стави во опасност и ја отстрани заканата што постоеше за другите, без да размислува за ризиците за себе… Таа храброст беше извонредна што ја видовме вчера“, додаде тој.
Трговскиот центар денеска ќе остане затворен и со денови ќе биде активно место на злосторството, соопшти полицијата.
ОБЈАВЕНИ ФОТОГРАФИИ ОД ЖРТВИТЕ: Ова се четирите лица кои се убиени во Сиднеј и се идентификувани (ФОТО)
Пет од шест жртви на убиецот на Џоел Кoчи во трговскиот центар во Сиднеј биле жени. Полицијата соопшти дека најверојатно не се работи за терористички напад.
Чувар, ќерка на милионер, новoпечена мајка и мајка на две деца се идентификувани како жртви на нападот со нож на Westfield Bondi Junction во саботата. Пет од шесте лица за кои беше потврдено дека биле убиени од Џоел Кочи од Квинсленд биле жени.
Мајката на две деца Џејд Јанг, од Белви Хил, беше прогласена за мртва во неделата. Таа беше многу сакан член на Клубот за спасување на сурфање Бронте, кој ја сподели веста за нејзината смрт со своите членови во неделата наутро. Работела како архитект за компанија во Double Bay.
Фараз Тахир (30) беше единствената машка жртва во нападот. Муслиманската заедница Ахмадија го опиша како „посветен чувар кој трагично го загуби животот додека ѝ служеше на јавноста за време на овој напад“.
Една од жртвите е и ќерката на милионерот Џон Синглтон. Даун Синглтон (25) била во трговскиот центар кога била избодена до смрт од вооружениот напаѓач Џоел Кочи. Таа беше асистент за е-трговија во White Fox Boutique и претходно студираше дигитални и социјални медиуми на UTS. Брендот за облека и оддаде почит на Синглтон во објава на Инстаграм, велејќи дека „таа секогаш ќе биде запаметена како дел од семејството White Fox“.
Во нападот загинаа вкупно шест лица, меѓу кои и новопечената мајка Ешли Гуд (38), која во саботата вечерта им подлегна на повредите во болница. За време на нападот била избодена и нејзината деветмесечна ќерка. Детето и понатаму е во тешка, но стабилна состојба во детската болница Рандвик.
Семејството Гуд рече дека се борат да се помират со она што се случило.
Полицајка хероина: На напаѓачот му ги рекла овие три збора, па го уби со еден куршум
Полицајката во моментот на нападот била во трговскиот центар Вестфилд во Сиднеј и решила самата да се пресмета со напаѓачот, кој со нож со сечило од 15 сантиметри ги напаѓал луѓето.
Напаѓачот избодел девет лица, меѓу кои една жена и нејзиното деветмесечно бебе, во трговски центар во Сиднеј. Уби шестмина, многумина беа повредени, дел од нив во критична состојба.
Во моментот на нападот во центарот имало и неименувана полицајка, која самата решила да го спречи напаѓачот. Таа го следеше низ центарот додека конечно не се најде лице в лице со него.
Сопственикот на кафуле Мајкл Данкли видел кога полицајката ја елиминирала заканата. Таа му рекла да го фрли ножот со сечило од 15 сантиметри (‘drop the knife’), а тој потоа се нафрлил кон неа. Го убила со еден куршум во градите.
– Доведена е во ситуација да мора така да реагира. „Таа го направи тоа многу смирено, фантастична е“, изјави Данкли.