Веќе е 54-ти ден од руската инвазија на Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски редовно и се обраќа на нацијата, но и на целиот свет. Но, кој ги пишува неговите говори?

Од почетокот на војната во Украина, претседателот Володимир Зеленски редовно одржува говори за ситуацијата во земјата, критикувајќи ги противниците, но и оние кои ги поддржуваат Русите. Тој има говорено многу пати во различни парламенти ширум светот. Бројни говори останаа запаметени по моќните пораки што ги испрати. Но, дали знаете дека Зеленски самиот не е автор на тие говори?

Гардијан разговараше со креаторот на тие говори, Дмитриј Литвин, 38-годишен новинар и политички аналитичар. Само околу 200 луѓе го следат на Твитер. Тој откри дека идеите за говорите всушност биле на претседателот.

„Претседателот секогаш знае што сака да каже и како сака да го каже. Емоциите се најважни во говорите. И се разбира, претседателот е автор на емоциите и логиката на зборовите“, додаде тој. Тој, исто така, посочи дека другите светски лидери би можеле „да научат како да го прават тоа“.

Литвин е дел од тимот на претседателот Зеленски, а тој и неговите колеги работат и живеат на улицата Банкова во центарот на Киев уште од првите денови на инвазијата. Банкова е еквивалент на Белата куќа или Даунинг стрит, односно тоа што во Македонија е Илинденска ББ.

38-годишникот не сакаше да открива премногу, а изјави и дека обично не коментира ништо на оваа тема.

„Јас не сум негов фан, но тој е паметен“

Серхи Лешченко, поранешен новинар кој стана воен советник на Зеленски, го опиша Литвин како литературен и уметнички асистент.

„Тој секојдневно ги собира идеите на претседателот. Работи како собирач на идеите или на сетилата“, рече тој.

Пишувајќи на Фејсбук на почетокот на војната, Литвин изрази неколку ставови за Путин.

„Неговата имагинација е слаба, па тој секогаш отсликува нешто. Мораме да разбереме дека објективната реалност не го контролира Путин. Западните санкции нема да влијаат на него. Тој бара изолација“, напиша тој. Немилосрдната цел на Путин беше да ја промени државата и украинската „политичка реалност“, додаде тој.

Методот на Литвин очигледно функционира. Анкетите покажуваат дека 95 отсто од Украинците веруваат дека нивната земја може да ја одбие руската инвазија, и покрај инфериорноста на Киев во однос на тенкови, војници и воздухопловни сили.

Дури 78 отсто веруваат дека Украина се движи во вистинската насока. Личниот рејтинг на Зеленски, кој падна на почетокот на февруари, подоцна вртоглаво порасна.