Италија одби да учествува во американските и британските напади врз воените цели на јеменските бунтовници Хути во Јемен, изјави денеска неименуван извор од италијанската влада за Ројтерс. Изворот истакна дека Италија претпочита да води мировна политика во регионот на Црвеното Море.
Изворот истакна дека италијанската влада мора да добие поддршка од парламентот за војската да учествува во каква било акција и затоа е невозможно брзо одобрување.
САД и Велика Британија погодија повеќе воени цели на Хутите во Јемен од воздух и од море, додека Холандија, Австралија, Канада и Бахреин обезбедија логистичка и разузнавачка поддршка, соопштија американски официјални лица.
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето претходно оваа недела изјави за Ројтерс дека нападите на Хутите мора да бидат запрени без да предизвикаат нова војна во регионот.
Минатиот месец, САД и другите земји започнаа операција за заштита на цивилни бродови во Црвеното Море.
Италија во декември објави дека ќе испрати поморски брод во Црвеното Море по барањето за заштита од сопствениците на бродови, но не се пријави за мисијата предводена од САД, а другите членки на ЕУ, исто така, се чини дека се дистанцираат од иницијативата, објавија британските медиуми.