Бугарската Државна агенција за патишта е прогласена за делумно одговорна за трагедијата на автопатот „Струма“ во 2021 година, кога животите ги загубија 45 патници од Македонија. Окружниот суд во Перник утврди дека Агенцијата носи 10% од вината за несреќата со автобусот на „Беса транс“.
Судот донел одлука врз основа на граѓанска тужба поднесена од родителите на една од жртвите. Според пресудата, на секој од тужителите ќе им се исплати отштета од 20.000 лева (приближно 10.000 евра).
Причините за одговорноста на Агенцијата се поврзани со недостатоци на автопатот: Оштетен маркер за бучава, кој треба да го предупреди возачот при излегување од лентата.
Недостаток на сертификати за делницата од автопатот каде што се случи несреќата.
Несреќата се случи на 23 ноември 2021 година, околу 03:00 часот наутро, кога автобусот на „Беса транс“ удрил во банкината на автопатот „Струма“ и се запалил. Истражувањето на бугарските власти ја идентификуваше главната грешка кај возачот, но оваа пресуда го потенцира и придонесот на патната инфраструктура за несреќата.
„Прво, имало оштетен маркер за бучава, а дополнително, делницата немала потребни сертификати,“ изјави адвокатот на роднините на жртвите, Николај Димитров.
Оваа пресуда отвора можност за понатамошни барања за одговорност и подобрување на инфраструктурната безбедност во регионот.