Претседателот на Литванија Гитанас Наузеда изјави дека неговата земја од овој месец нема да увезува руски гас.
– Пред многу години, мојата земја донесе одлуки што ни овозможуваат лесно да ги прекинеме енергетските врски со агресорот. Ако ние можеме да го направиме тоа, може и другите во Европа, напиша Наузеда на Твитер.
Додека во соопштението на литванското Министерство за енергетика се наведува дека литванскиот систем за транспорт на гас од почетокот на месецот работи без увоз на руски гас.
Министерот за енергетика Даиниус Крајвис изјави дека ова е пресвртница во историјата на енергетската независност на Литванија.
– Ние сме првата земја од ЕУ меѓу добавувачите на Гаспром што стекна независност од испораките на руски гас како резултат на долгогодишна кохерентна енергетска политика и навремени инфраструктурни одлуки, посочи Крајвис.
Доколку е потребно, Литванија може да увезува гас преку гасна врска со Летонија, а од 1 мај преку гасна врска со Полска.
Во Мариупол загина литванскиот режисер Кведаравичиус
Во Мариупол вчера е убиен литванскиот филмски режисер Мантас Кведаравичиус, кој долги години ги документираше настаните во градот, соопшти украинското Министерство за одбрана.
Во соопштението се наведува дека „руските окупатори додека се обидуваа да го напуштат Мариупол го убија литванскиот режисер Мантас Кведаравичиус“.
– Изгубивме човек кој до последен момент, и покрај опасноста, работеше во Украина, која е окупирана од Русија, изјави литванскиот претседател Гитанас Науседа.