Марихуаната, екстази, кокаин и амфетамин, се четирите најбарани и најкористени дроги во земјава. Од сите четири видови на дрога, во изминате 24 месеца како најкористена дрога во земјава е „тревата“ чија што цена на црниот, нарко-пазар, во изминативе месеци во споредба со истиот период лани е зголемена за над 40 отсто. Но, не е само во Македонија марихуаната е најкористена дрога. Зголемена е побарувачката на марихуана и на нарко-пазарот во Европа.

Според најновите податоци на Европската агенција за дроги употребата на канабис се зголемила за време на пандемијата, додека „клупските дроги“ ја изгубиле својата популарност.

Ограничувањата поради пандемијата на ковид-19 имале најголемо влијание врз шемите на потрошувачка на канабис и екстази, при што употребата на канабис се зголемувала, а употребата на дрога во клубовите (МДМА/екстази) се намалувала. Нивните истражувања покажале дека канабисот е најупотребувана дрога, а 93 отсто од испитаниците рекле дека консумирале канабис во претходните 12 месеци, со мали разлики меѓу земјите.

Во истражувањето учествувале и испитаници од Западен Балкан. На истражувањето одговориле повеќе од 2.000 возрасни (2.174) од Албанија, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. Мнозинството од испитаниците (91 процент) рекле дека користеле канабис во претходните 12 месеци, потоа кокаин (38 проценти), МДМА / екстази (22 проценти) и амфетамин (20 проценти). Повторно, околу една третина од испитаниците (32 проценти) рекле дека користеле повеќе канабис, додека 34 проценти користеле помалку МДМА/екстази. Домот била пријавена како најчеста средина за употреба на дрога во тој период (85 отсто од испитаниците во истражувањето на ЕУ и 72 отсто во Западен Балкан) поради карантин и затворање ноќни клубови. Најчести мотиви за консумација на канабис биле релаксација, интоксикација и помагала за спиење.

Според македонското МВР, пред неколку години транспортот и размената на „релација“ хероин-марихуана било еден спрема 10, односно еден килограм хероин наспроти 10 кг. марихуана, но денес размената е еден спрема еден. Значи за еден килограм хероин изразено во пари сега вреди колку еден килограм марихуана.

Во земјава во моментов најзастапена е нелегалната трговија со марихуана, па затоа и најголем дел на заплените и откриените кривични дела се однесуваат на овој тип нелегална трговија, вели Ветон Кранлиевски, началник на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал во МВР.

– Речиси 45,1 отсто од оперативните сознанија што дошле до македонската полиција во текот на 2021 година се однесуваат на недозволена трговија со марихуана, па затоа најзастапена е заплената на марихуаната. Сѐ уште најголем дел од запленетата марихуана потекнува од Албанија, но во помала мера и од внатрешноста во земјава. Дрогата од Албанија поминува најчесто преку илегални премини – вели Кранлиевски.

Само во периодот декември 2021-јануари 2020 година, или само за два месеца македонската полиција заплени над 2 тона марихуана. Сериозен успех имаше МВР и воизминатата 2021 година во борбата со недозволена трговија со дрога кога беа пресечени 16 меѓународни транспорти на марихуана и хашиш, со одлични резултати во заплената на наркотична дрога во вкупна проценета вредност од 15 милиони евра.
Македонија, посочи тој, сепак е мала земја и нема голем потенцијал за потрошувачка на значителни количини дрога. Затоа, МВР во многу случаи соработува со странските служби со цел да се најде нарачателот, а не само оној што ја транспортира дрогата низ Македонија.

Двестотини милиони евра изнесува уличната пазарна вредност на дрогата која пред неколку дена беше откриена и запленета на Скопскиот аеродром. Крајната цел на запленетиот прекурзор бил наркопазарот во земјите од Европската Унија. Оваа супстанца е чист продук од кој се прави смеса .

Со последните акции на подрачјата во Струмица и Ресен во кои се запленете 1 тон и 600 килограни наркотична дрога во вредност од 3,2 милиони евра, претходеше онаа од 3.2.2022 година, во која полицијата на скопскиот аеродром запленети се 1.105 килограми „Фенилацетон“ или „бензил метил кетон“ (BMK), главен прекурсор за добивање на амфетамински тип стимуланси, класифициран во прва категорија на Националната листа на прекурсори. Интересно е да се напомене дека МВР за првпат има заплена на прекурсор со ваков квалитет. Во зависност од начинот на употреба на прекурсорот при добивање на амфетаминот, првичната проценка е дека од набавената количина на прекурсорот, во зависност од јачината на дозирање на парче, вредноста на пазарот се проценува од 50, па сe до над 200 милиони евра.

Само во првиот месец од оваа година има две вредни заплени, од кои едната (25.01.2022) во вредност од 50.000 евра, при што е пресечен транспорт на 25 килограми марихуана, при што се приведени 3 лица и против нив поднесена кривична пријава.

Пред неколку дена (2.2.2022), при контрола на автобус на туристичка агенција од Скопје, полициските службеници во координација со мобилен тим од Царинската управа, во багажот пронашле и одзеле хероин во вредност од околу 30.000 евра (над 1,2 килограми по вештачење) со кој била исполнета амбалажа на разновидни прехранбени продукти, со што е пресечен меѓународен транспорт на хероин наменет за Хрватска.

Покрај во откривачката функција на полицијата, постигнати се и одлични резултати во заплената на наркотична дрога, и тоа над 1.800 кг марихуана, околу 20.502 стебла марихуана, 2.300 семки канабис, околу 1.500 таблети синтетичка дрога, 8 кг хашиш, околу 1.200 гр хероин, потоа амфетамин, кокаин, хашиш смола…Поднесени се кривични пријави против 287 сторители за 215 кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, како и шест дела „овозможување на употреба наркотични дроги“.